За Стравот Божји

Стравот од Бога е последица на духовното просветлување. Психологијата не може да ја објасни неговата природа. Во него, во тој страв, нема ништо заедничко со стравот кај животните. Постојат многу степени и облици, но ние сега ќе се задржиме на еден од нив, оној што најмногу придонесува за нашето спасение: „ужасот“ да се покажеш недостоен пред Господ Кој се открива во незалезна Светлина (Мат. 10, 37-38). Луѓето опфатени од овој свет страв се ослободуваат од сите останати земни стравови. Нашите Отци, смелите слуги на Духот, се оддалечувале во пустина и живееле меѓу диви ѕверови и змии отровници, во сурови услови на природата, во крајна беда, нешто што повеќето современи луѓе не можат ни да го замислат (иако и денес постојат такви). И сето тоа, за слободно да се предадат на плачот, свесни за својата оддалеченост од љубениот Бог. Не им е на сите дадено да сфатат зошто духовните луѓе, отфрлувајќи сè од овој свет, плачат не помалку, туку многу повеќе од мајките над гробовите на своите најмили синови. Тие, отшелниците, плачат гледајќи ја мрачната бездна внатре во себе: длабоки се корените на „познанието на злото“ и не можат да ги откорнат со сопствени сили. За оние кои не ја познаваат ваквата состојба на духот, сето тоа е несфатливо. Оваа тајна се сокрива од неповиканите очи, бидејќи Бог знае кој е кој и затоа што оваа благодат им е доверена само на оние кои самите себе Му се доверуваат на Господ – Христос. И оваа благодат, исто така е дар на Божјата љубов, без која солзите нема да потечат. 

Благодатта на покајанието им се дава на оние кои со вистинска вера ги примаат Христовите зборови за тоа дека, ако ние не поверуваме во Него, во Божјата и апсолутна вистина на сè она што Тој заповедал, тогаш тајната на гревот нема се разоткрие во својата онтолошка длабочина, и ние ќе „умреме во своите гревови“ (Јов. 8, 21-24). Самото поимање на гревот е присутно единствено таму каде што односите помеѓу Господ-Апсолутниот и човекот-созданието попримаат чисто личен карактер. Инаку, сè останува на интелектуалните претстави за помалиот или поголемиот степен на совршенство кај постоечката форма. Гревот секогаш е престап против љубовта на Отецот. Тој се покажува како наше оддалечување од Бога и ја поврзува нашата волја со страстите. Покајанието секогаш е поврзано со воздржувањето од гревовните желби. И надвор од христијанството се води борба против некои страсти, и во хуманизмот можеме да најдеме совладување на овој или на оној порок, но затоа што отсуствува сознанието за длабоката суштина на гревот – за гордоста, затоа овој лош корен останува неоткорнат и историјата на трагедијата не престанува да се зголемува.

Светите Отци велат: само смирението може да го спаси човекот, а гордоста и самата е доволна да го стркала во пеколниот мрак. Меѓутоа, победата над целокупниот комплекс страсти означува стекнување состојба на богоподобно битие. Сите страсти се нужно облечени во некоја форма, видлива или мисловна, имагинарна. Во огнената покајничка молитва духот на христијанинот ги соблекува од себе тие претстави на видливи нешта или умствени поими. Ослободувањето од сите тие форми се практикува и во други аскетски култури. Сепак, душата не се сретнува со Живиот Бог доколку молитвата се извршува без неопходната свесност за гревот и искреното покајание; само може да се почувствува некаков одмор од калеидоскопскиот од на секојдневниот живот.

Старец Софрониј Сахаров