Порака за Велигден - Митрополит Европски ПИМЕН

Publiceringsdatum: May 05, 2013 12:9:8 PM

Тогаш праведниците ќе Му одговорат и речат: „Господи, кога Те видовме гладен и Те нахранивме; или жеден и Те напоивме? Кога Те видовме како странец и Те примивме? Или гол и Те облековме? Кога те видовме болен или во темница и дојдовме при Тебе? А Царот ќе им одговори: ‘Вистина ви велам, доколку му го направивте на еден од овие Мои најмали браќа, Мене Ми направивте.„

(Мат 25, 37-40)

Една недоговорена, но и неслучајна средба со Џокси и веднаш во име на старото пријателство падна договор одвреме навреме да пополнам место на порталот. Речено сторено, веднаш почнав да размислувам за времето и темата. И така размислувајќи кога, и со која тема да почнам со пишување на порталот, сé некако се вртеше околу Велигден. И сосем нормално, Велигден е најголем празник на Црквата Христова кој му дава смисла на нашето постоење, бидејќи со Христовото Воскресение, воскреснува и нашата надеж за живот вечен, за враќање онаму од каде што нашите прародители Адам и Ева беа праведно протерани, или поточно кажано според својот избор, самите се протераа. И бидејќи на Пасха го празнуваме Преминот од смрт во живот, ја празнуваме победата на животот над смртта. Со самото тоа и победата над сите стравови знаејќи дека стравот од смртта е основа на секој страв што владее и управува со нашите животи. Така ослободени од стравот ќе речеме и дека Велигден е Ден на радоста. Велигден е и празник на дарувањето. Па, така Велигден е празник и на радоста на дарувањето. Ова последново некако најмогу и нé асоцира на Пасха, па затоа и не е чудо што на прашање, по што го паметиме Велигден од детсвото како од пушка ќе одговориме дека се сеќаваме на тоа дека секогаш за празникот сме добивале нешто ново, некое ново парче облека или чевли, патики на кои бескрајно сме им се радувале. И ден денес, во чест на таа традиција и убавите детски спомени се подновуваме и самите и ближните, но верувам сте забележале дека веќе ја нема онаа радост што во тие детски денови сме ја чувствувале. Тоа чувство на радување на подароци се повеќе станува толку далечно или пак толку краткотрајно доколку сепак се случи. Најверојатно причина за тоа е што се ни станува толку изживеано и непотребно затоа што веќе сé некако ни е толку лесно достапно.Но, и покрај сé таа традиција, и таа потреба да се подарува, кај многумина се уште постои, но постои и онаа скептичност дали тоа се уште има смисла, дали се уште причинува некаква радост. Со таква скептичност се борев и јас, но сé се промени за еден момент од една средба со персоналот и штитениците на Центарот за помош на лица со ментален хендикеп, центар со прекрасно име „ПОРАКА„, кој се наоѓа на периферијата на скопските села Волково, Лепенец… Дознавајќи за него и за нивните потреби од инвентар се упативме кон еден од овие згрижувачки заедници со една мала и наменска донација од име на Европската епархија. Овој мал дар за нив го почувствував како голем дар од Бога за мене, дар преку кој ја открив повторно радоста на дарувањето. Во овие предвелигденски денови со солзи во очите ми воскресна онаа детска радост на давањето и добивањето, онаа радост која искрено ми недостигаше. Благодарејќи Му на Бога за дарот, си земав за обврска во секоја можна прилика да помагам на овие центри лично, но и да се обидам да ја разбудам совеста на луѓето за да го направат истото. Бивајќи сведоци дека FB и Twiter заедницата има голема моќ да креира мислење и да организира настани, сметам и дека има сила да го натера опшеството да отстапи од некои свои одлуки и навики под нејзин притисок, искрено верувам дека истата ќе има желба и моќ да даде свој придонес за да ја разбуди нашата совест апелирајќи Велигден да биде повод за дарување во „Порака„.

Ве повикувам и сите вас да помогнеме бидејќи можеме и имаме што да дадеме. Нашите подруми и гражи се полни со користени, а се уште функционални апарати за домаќинство и покуќнина, а во домаќинството како „Порака„ недостасува многу од тоа. Како ќе се оправдаме пред Бога и совеста ако ги полниме отпадите со квалитетен мебел и техника кои не ни одговараат веќе на бојата од тазе бојадисаниот ѕид наместо да ги опремиме со него оние скромни простории во кои живеат нашите браќа и сестри со хендикеп. Посетете ги лично или на нивната веб-страница www.porakanegotino.org.mk па помогнете им. Ќе се почувствувате корисно, ќе се стопат вашите срца. А преку топењето на вашите срца ќе почувствувате дека Велигден не е само ден кој најчесто го доживуваме како празник на кој треба да ги спремиме најубавите и најјаките јајца в џеб, па на полноќ да одиме в црква, да запалиме свеќа, да свртиме три круга околу храмот и штом се објави Христовото Воскресение да започнеме со масовниот турнир во кршење со јајца, а утредента да ги распалиме скарите, туку да се поистоветиме и уподобиме на Христос Воскреснатиот, како што Он се поистоветува со секој наш најмал брат и сестра, еве видете и почувствувајте дека во Велигден пак и пак има радост, има смисла, има цел, има ПОРАКА.

Христос Воскресна за нив, за нас…, за сите и за сé!

Навистина Воскресна!!!