За Светата Причест

Нашиот Спасител, Господ Исус Христос, има кажано за Светата Тајна Причест: „Вистина, вистина ви велам: Ако не го јадете Телото на Синот Човечки и не ја пиете Крвта Негова, немате живот во себе. Кој го јаде Моето Тело и ја пие Мојата Крв, има живот вечен и Јас ќе го воскреснам во последниот ден. Зашто Моето Тело е вистинска храна, а Мојата Крв е вистинско питие. Кој го јаде Моето Тело и ја пие Мојата Крв, ќе живее во Мене и Јас во него. Како што Ме прати Живиот Отец и Јас живеам заради Отецот така и тој што Ме јаде Мене, ќе живее заради Мене“. (Јов. 6, 53-57)

Не смеат да поминат денови како Велигден, Петровден, Успение на Пресвета Богородица, Божиќ, без да се причестиме. Без ова нема побожен живот. Исто така, треба да се подготвиме за Причест со пост, со молитва и со исповед во другите Христови и Богородични празници, за празниците на нашите големи македонски и сесловенски Светители Климент, Наум и другите, како и за храмовиот празник на црквата во која одиме на богослужение. Бидејќи само причестени, највистински и најцелосно учествуваме во настанот што го празнуваме, што е особено значајно за нашето спасение. Ова е исто така нагласено од Светите отци и каноните на Црквата.

Како, пак, канонот ќе се спроведе во животот на Црквата и кај секој верник поединечно, одредува духовниот отец. Затоа за Причест е потребен и благослов од духовниот отец.

Кога станува збор за ова, неопходно е да се напомене дека без редовно исповедање на своите гревови и советување со духовниот отец, никој не смее да пристапува кон Светата Причест.