За Молитвата

Трудете се да ја добиете непрестајната молитва, молејќи Му се на Господ: Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме грешниот; и дома, и во храмот, и на пат, и за време на работата, на трпеза, седејќи, лежејќи, практикувајте ја со побожно внимание, покајничко чувство, со голема едноставност, без да барате некакво посебно чувство во срцето.

Исусовата молитва се користи заради тоа што е кратка. Таа е најзначајна и најважна молитва.

Секогаш треба да се има сеќавање на Бога, во секое време да се мисли на Него, на секое место, при секоја работа во своето срце да се повикува Господ, дури и кратко: „Господи помилуј! Господи помогни!“

Пред да јадете кажувајте Исусова молитва, а после јадењето додадете: „По молитвите на Богородица, помилуј нѐ.“

Оваа кратка молитва ќе ве научи да заедничарите со Бога, ќе го собере умот од расејаност и ќе го соедини срцето со Бога, ќе ве научи како да ставите Негов печат на срцето и така злите духови веќе нема да можат да влезат во него.

Бидете трезвеноумни и бдејте, а особено за време на умносрдечната молитва. Никој така не Му угодува на Бога како оној кој правилно се моли со неа.

Исусовата молитва се нарекува словесна, кога се произнесува со зборови; умна, кога со неа неразделно се соединува вниманието на умот; срдечна или умносрдечна, кога почнува да се вгнездува во срцето.

Треба да се започне со словесната молитва, која при постојано изговарање со покајничко чувство, самата преминува во умна, а умната во срдечна. Постепено молитвата ја освојува душата и во неа внесува состојба на мир, спокој, тишина, чистота, ред, радост и непрекинато внатрешно чувство на стравопочит.

Главниот плод од молитвеното дејство не се толината и блажината, туку Божјиот страв и тажното покајние поради гревовите.

Покајанието и плачот го спасуваат од секаква грешка, измама и прелест, оној кој се моли со Исусовата молитва. Плачот е покајнички дух. Покајничко и смирено срце Бог нема да отфрли, односно нема да им дозволи на демоните да му се потсмеваат, како што се случува со гордото срце, исполнето со самодоволност, високоумие и суета.

За да стекнете молитвен дух, упорно молете Ја нашата неуморна Молитвеничка, Божјата Мајка.

За да се всели постојана молитва во срцето, потребно е молитвеникот да не изговара ништо непотребно, како и да не се вознемирува непромислено за ништо, да не прави ништо од она што ќе му се посака, туку да се труди во сѐ да ја извршува Божјата волја.

Секој христијанин, кој ја практикува Исусовата молитва, со тоа сѐ повеќе го излудува ѓаволот, кој не го поднесува Исусовото име.

Лукавиот станува против вас, а вие против него, и не попуштајте. Штом почнете да му се противите, тој ќе побегне, само треба строго. Трудете се усрдно, но не мислете дека, без Божја помош, сами ќе постигнете успех. За помош треба почесто молитвено да Му се обраќаме и да Го повикуваме Господ.

За оној кој се навикнал да се моли, молитвата станува негово дишење, нему сатаната веќе не му е страшен, зашто го чува Божјата благодат. Таквите луѓе чувствуваат дека Господ е секогаш со нив, дека ги спасува и заштитува, и ги избавува од лукавиот.

И ние да Му се предадеме на Господ и тогаш ќе ги разбереме зборовите од црковната песна: „Биди ми Помошник и Покровител на спасението.“

Човекот во молитвата стекнува навика, се учи на добродетелта. Да се трудиме со помош на Божјата благодат да влеземе во себе, да се присилуваме на непрестајна Исусова молитва. Христос рече дека Божјото Царство насила се освојува и ние треба да се поттикнуваме за добивање на молитвената и покајничка состојба, по молитвите на св. Ефрем Сирин: „Дух на покајание, смиреноумие, трпение и љубов, подари ми мене, Твојот слуга.“ Ете, токму тоа го немаме.

Затоа да се поттикнуваме за стекнување на тие добродетели, почесто причестувајќи се со Светите Христови Тајни.

После Светата Причест, особено е потребно да се молиме со Исусовата молитва за да се заштитиме од губењето на благодатта, давајќи ѝ предност на молитвата на срцето, пред читањето разни, дури и поучни книги, и разговорите со луѓето, кои само доведуваат до осуда.

Оние кои водат духовен живот, со очите на срцето гледаат како ѓаволот поставува замки, како ангелите помагаат, како Господ допушта искушенија и како утешува.

Схи-игумен Сава Псковско-Печерски